Апарат за брзо ширење на непцето - Hyrax

Апаратот за брзо ширење на горната вилица може да биде многу важен дел од ортдонтската терапија. Се аплицира кај пациенти со силно неразвиена горна вилица во трансверзала (ширина). Овој апарат помага за правилен раст, развој и ширење на горната вилица за значително кратко време (околу 40 дена). Делува на тој начин што продуцира бочна сила која прави притисок на двете половини од горната вилица и внимателно ги раздвојува по средината.
Благодарејќи на дејството на сила и отворениот простор, новата коска која се создава во просторот помеѓу двете половини на горната вилица – истата може да достигне ширина која ќе одговара на ширината на долната вилица и ќе овозможи корекција на вкрстениот загриз. Ширењето на горната вилица исто така може да помогне за добивање на потребниот простор кој е потребен за никнување на сите стални заби кај случаи со збиеност во забниот лак. Овој апарат може да го коригира неправилниот скелетен однос на вилицата кој доколку не се лечи во раната возраст, покасно за истата намена ќе биде потребна хируршка корекција.

Апаратот е фиксен, се состои од 2-4 прстени и шраф. Во принцип, прстените се цементираат на првите молари и првите премолари. Шрафот се отвора 1-2 пати дневно. Апаратот активно се отвора 30-40 дена, после тоа следува фазата на ретенција (пасивна фаза) 4-6 месеци, во која пациентот пасивно го носи апаратот без понатамошно отворање на шрафот или добива транс-палатинален лак кој ќе ја одржува постигнатата ширина со апаратот.
Што можеме да очекуваме од апаратот за брзо ширење на непцето?
- Во првите 3-5 дена пациентот може да има зголемено лачење на плунка.
- Во првите неколку денови може да има минимални пречки во говорот, но потоа тој се нормализира.
- Пациентот може да чуствува благо стегање или притисок во пределот на средината на кровот од усната празнина, помеѓу централните инцизиви, веднаш под носот, кровот на носот и во пределот на јаболчната коска.
- Може да се појави простор (дијастема) помеѓу инцизивите, а понекогаш и помеѓу бочните заби.