Одбојник за усна

Одбојник за усна е ортодонтски апарат кој се користи како рана ортодонтска терапија кај децата. Се состои од жичан лак кој во предниот сегмент е прекриен со акрилатна пластика. Лакот се фиксира со прстени за првите долни молари и лежи во просторот помеѓу долните заби, усната и образите.

Одбојникот за усна е дизајниран така да го шири долниот забен лак, со што се обезбедува додатен простор за никнување на трајните заби. Овај апарат овозможува и јазикот непречено да прави благ притисок на внатрешните страни на долните заби со што се добива дополнителен нов простор за нивно правилно сместување во забниот низ. Истовремено, апаратот оневозможува долната усна и образите да прават притисок на долните заби и да предизвикуваат збиеност на долниот забен низ.

Апаратот исто така ги поместува долните молари наназад, со што би се добил простор за бочните трајни заби. Во некои случаеви, одбојникот за усна примарно се користи за да спречи контракција на долната усна како би се овозможило порамнување на долните заби.