Oртодонтски Мини-Импланти

Ортодонтските мини-импланти се привремени упоришни единици изработени од титаниум и се користат заедно со фиксниот апарат како помошен елемент кој се вградува во коската и служи како потпора (упориште) за апликација на сила кога сакаме да постигнеме контролирано, брзо и ефикасно поместување на забите на најдобар можен начин без притоа да се оштетат преостанатите заби.

Употреба:

Мини-имплантите се користат како коскена потпора за додатните елементите со кои се аплицира сила во случаеви кога ортодонтската сила од одредени причини не може како потпора да ги користи преостанатите заби. Тие се поврзуваат со фиксниот апарат што е поставен на забите со додатни елементи за влечење или стабилизирање како би се помогнало при решавање на проблемите со затворање на просторот, корекција на средината на забниот низ или корекција на загризот.

Како се поставува мини-имплант?

Вградување на мини-имплант во коска е многу едноставна процедура. На местото каде што треба да се вгради најпрво се аплицира површински анестетик и после тоа мини-имплантот нежно се аплицира во коскеното ткиво. Вградувањето на мини-имплантот е брзо и безболно, и додека ортодонтот го аплицира можно е да се почуствува благ притисок, а за неколку дена нема повеќе ни да се чуствува дека мини-имплантот е присутен во устата. Кога потполно ќе заврши ортодонтската терапија и нема повеќе да биде потребен мини-имплантот тој лесно се вади со едноставна процедура која трае помалку од една минута.

Како се одржува хигиена со мини-имплантот?

Мини-имплантот се чисти на истиот начин како и фиксната протеза. Потребно е секојдневно да се чисти со четка и конец за заби, како би се зачувало оралното здравје во текот на целата ортодонтска терапија. Посебно треба да се обрати внимание на меките ткива околу имплантот бидејки се изложени на воспалителни процеси доколку недоволно се чистат. Сите постапки и упатство за правилно одржување на оралната хигиена со присуство на мини-имплант ќе ги добиете во нашата ординација од страна на нашиот ортодонт.