Делерова маска

Делеровата (лицева) маска е ортодонтски апарат кој може да се користи најрано од 7та година за протракција (туркање) на горната вилица према напред, кај пациенти со недоволно развиена горна вилица, која е поставена назад во однос на долната вилица.

Овие пациенти имаат обратен преклоп на забите секачи (горните секачи во загриз се поставени позади долните). Обратниот преклоп со текот на годините се влошува, така што, доколку неправилноста не се лечи навреме долната вилица има тенденција за време на пубертетскиот период да се развие уште повеќе во однос на горната вилица.

Лицевата маска е специјализиран ортодонтски апарат кој може да ја помести гората вилица према напред во подобар однос со долната вилица, да го коригира обратниот преклоп на предните заби, да воспостави подобар загриз и функција на долната вилица, урамнотежен раст и развој на вилиците и севкупно да го подобри изгледот на лицето кај пациентот.

Делеровата маска се состои од метална шипка со два наслони, едниот за челото, другиот за брадата, и интраорална конструкција која се прицврстува на горните заби. Од внатрешната конструкција до маската се растегнуваат од двете страни јаки еластични гумички, кои продуцираат сила и вршат поместување на горната вилица према напред.

Се препорачува терапијата со Делерова маска да започне што е можно порано, уште од 7та или 8-та година, бидејки после 9-та година се намалува способноста за поместување на горната вилица према напред.